Ѓорѓиевски: Изгласан Буџетот на Град Скопје без ниту еден глас против, ќе има 920 милиони денари субвенции за ЈСП

Буџетот на Градот за 2026 година изнесува 5.201.600.000 денари што претставува зголемување од 12,04 отсто во споредба со претходниот

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Фејсбук

Советот на Град Скопје денеска едногласно го усвои буџетот за 2026 година. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски соопшти дека буџетот е усвоен без ниту еден глас против, што е доказ дека кога има ред, визија и работа, има и резултати.

Според него, основниот Буџет на Град Скопје изнесува 5.201.600.000 денари, што претставува зголемување од 12,04% во однос на 2025 година. Истакнува ова зголемување е резултат на засилена и одговорна наплата на приходите во период од само месец и половина, со што на крајот на годината се очекува пренесен вишок од над 400 милиони денари.

„Дополнително, обезбедени се 260 милиони денари преку спогодба со Министерството за образование и наука и одлука на Владата на Македонија за студентски превоз за заостанатите години, обврска за која претходната влада на СДСМ немаше слух.

Капиталните инвестиции во основниот Буџет изнесуваат 1.787.000.000 денари, или 34,4% од вкупниот буџет. За споредба, во 2025 година капиталните инвестиции изнесувале 1.344.160.000 денари, односно 28,9%. Ова значи повеќе инфраструктурни зафати, повеќе проекти на терен и конкретни, видливи резултати за граѓаните“, тврди Ѓорѓиевски.

Градоначалникот исто така информира дека за првпат досега се обезбедени униформи за сите ученици од прва година, летен камп за учениците од социјално ранливи категории, како и награди за учениците со исклучителни резултати во спортот и образованието.

Буџетот за образование е зголемен за 7,5 отсто во однос на 2025 година, а дополнително се пренесуваат 68 милиони денари вишок од блок-дотациите за изградба на ново училиште.

Следната година се обезбедуваат средства и за вработување на 30 нови пожарникари, а се набавува и целосна заштитна униформа, како и три возила за интервенции во тешко проодни средини.

Културата добива силна поддршка со буџет од 159 831 000 денари, што е двојно зголемување во однос на 2025 година.

Со ова, според Ѓорѓиевски, се спасува и се продолжува проектот „Европска престолнина на културата – Скопје“.

Меѓу капиталните проекти се издвојува изградбата на лунапарк, кој ќе биде завршен во 2027 година.

„Патната и сообраќајната инфраструктура е посебен фокус на Буџетот за 2026 година. Предвидени се средства за изградба и реконструкција на булеварите ,,Македонија”, ,,Љубљанска”, ,,Борис Трајковски”, ,,АСНОМ” и ,,Цветан Димов”, за кружниот тек во Ѓорче Петров, за довршување на Момин Поток по решената експропријација, како и за реконструкција на улиците ,,Фрањо Клуз”, ,,Перо Наков”, ,,Димо Хаџи Димов”, 101 во Волково, ,,Бутелска” и ,,Радишанска”, изградба на улицата ,,Македонско-косовска бригада”, мостот и булеварот ,,Февруарски Поход” и уредување на пристапите и паркинзите кај Матка.

Предвидена е директна поддршка за јавните претпријатија и културните установи со јасна цел за нивно раздолжување и стабилизирање до првата половина на 2027 година.

За таа намена се издвојуваат средства за ,,Комунална хигиена”, ,,Паркови и зеленило”, ,,Дрисла”, ,,Лајка” , ,,Улици и патишта”, како и рекордни 920 милиони денари субвенции за ЈСП Скопје“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.