Ѓорѓиевски ќе ја оспори казната на Арсовска на суд: „Дрисла“ не е нејзино фамилијарно претпријатие

од Nikola Popovski
479 прегледи

Градоначалничката Данела Арсовска нема капацитет и не е кадарна за водење на градот. Со обидот да се пише казна за општината, се покажа дека не си ги знае надлежностите и ингеренциите, ниту знае која е територијата која ја администрира, рече градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски за најавената казна од 84.000 евра која треба да ја плати за одложување отпад на јавна површина пред депонијата „Дрисла“.

Ѓорѓиевски најави дека ќе ја оспори казната на суд и информираше дека за одлагање на отпад во „Дрисла“ нема потреба од никаков договор бидејќи има одлука во 2005 година дека сите општини можат во секое време да одлагаат во депонијата и да им се изработи фактура и да им се наплати.

-Еве влезни фактури до општината, неколку дена пред неделата кога бевме попречени да го оставиме отпадот. Се гледа тежината на отпадот за влез во Дрисла и оттаму е изработката на фактурата. Ова е побивање на лагите на Арсовска и нејзините работници, истакна градоначалникот на прес-конференцијата во општината Кисела Вода.

Градоначалникот рече дека „биле принудени да го остават сметот и ѓубрето пред портите на депонијата, бидејќи час и половина чекале, нивните возила не биле примени и немале друга опција“.

-Моравме истиот да го одложиме пред ЈП „Дрисла“. Втората опција беше отпадот да го вратиме во Кисела Вода и онаа депонија што Данела ја создаваше, да ја оплемениме повторно. Тоа не е нејзино фамилијарно претпријатие, туку јавно на нашиот народ, во кое претходно сме излагале отпад, истакна Ѓорѓиевски.

Првиот човек на општината Кисела Вода постави неколку прашања до Арсовска.

-Дали оваа нејзина псотапка значи дека утре сабајле Арсовска може да стане од спиење и да влезе во филм дека е министер за внатрешни работи, па да казнува луѓе по улиците и да апси? Госпоѓата не ги знае надлежностите и ингеренциите. Иако докажа дека нема капацитет за водење на градот и не знае да се справи со предизвиците, со ова покажа дека не ја знае територијата, со која администрира. Зошто им требаа 12 месеци на новото раководство на „Комуналец“, а на градоначалничката речиси две години дека луѓе не оделе на работа, а земале плата? која била позадината и зошто ги штителе изминативе години? Сите знаеме дека после три дена отсуство од работа, следува отказно решение, додаде градоначалникот.

Ѓорѓиевски рече дека ја разгледуваат можноста и за кривична пријава до Арсовска и директорката на „Комуналец“, Косана Мазнева, затоа што како рече, го загрозија здравјето на граѓаните во изминатиот период.

Слични содржини