Ѓорѓиевски: Ќе се потрудам да ангажираме и пејач Албанец за дочекот на Нова година на плоштадот „Македонија“

„Јас ја прифатив и сугестијата на вашите колеги Албанци коишто ме прашаа зошто, иако ни помага Државна видеолотарија за целиот проект и прославата, нема ниту еден Албанец?“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски - Orce Gjorgjievski

Градоначалникот на Град Скопјe, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека работи со својот тим на проширување на музичката програма за дочекот на Новата година што ќе се одржи на плоштадот „Македонија“.

Ѓорѓиевски, во емисијата „Клик Плус“ на „ТВ21“, меѓу другото, рече дека се обидува да ангажираат и пејач Албанец.

„Јас ја прифатив и сугестијата на вашите колеги Албанци коишто ме прашаа зошто, иако ни помага Државна видеолотарија за целиот проект и прославата, нема ниту еден Албанец? Со тимот разговаравме, од Градот Скопје којшто ми помага на тоа прашање и ќе се потрудам да обезбедам и еден пејач/пејачка Албанец за да настапи за Нова година“, рекол Ѓорѓиевски.

Градоначалникот додал ќе му биде драго сите да бидеме на плоштадот и дека време е да се обединиме како граѓани на државата.

Македонски пејачи ќе бидат ѕвездите на новогодишниот дочек, а градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека нема да има огномет. Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Куку Леле, Огњан Здравсковски, Пајак, Лара, Два Бона и Тина Перовска ќе настапат на забавата на 31 декември на плоштадот, што ќе го организира Државната видеолотарија. Градот Скопје ќе плати за украсувањето, кое ќе чини 70.000 евра.