Ѓорѓиевски најави: Анкетниот лист и казната ќе ги завршам следната недела

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека во текот на следната недела ќе го достави анкетниот лист за својата имотна состојба до Антикорупциската комисија и ќе ја плати изречената прекршочна казна, поради тоа што не го испочитувал законскиот рок за пријавување на имотот.

од desk4
43 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски - Orce Gjorgjievski

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека во текот на следната недела ќе го достави анкетниот лист за својата имотна состојба до Антикорупциската комисија и ќе ја плати изречената прекршочна казна, поради тоа што не го испочитувал законскиот рок за пријавување на имотот.

Ѓорѓиевски ја призна одговорноста за пропустот, посочувајќи дека причината е презафатеноста со работните обврски. Иако од неговиот избор поминале повеќе од два месеца, законот предвидува обврска анкетниот лист да се поднесе најдоцна 30 дена по стапувањето на функција.

Тој изјави дека електронското пополнување на анкетниот лист не било навреме завршено, но нагласи дека неговата имотна состојба е непроменета уште од периодот кога бил советник во Општина Кисела Вода, како и за време на мандатот како градоначалник на општината и сега како прв човек на Град Скопје. Потврди дека веќе му е доставен прекршочен платен налог и дека ќе го подмири.

Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, потврди дека скопскиот градоначалник сè уште нема поднесено анкетен лист ниту за завршувањето на функцијата во Кисела Вода, ниту за новата позиција во Град Скопје. Според него, издадени се два прекршочни налози и постапката е во фаза на порамнување.

Чучуљ посочи дека ДКСК нема дополнителни механизми за санкционирање на функционерите кои, и по платена казна, не ја исполнуваат обврската за пријавување на имотот, нагласувајќи дека се неопходни законски измени.

Тој информираше и дека четворица судии не поднеле анкетен лист: за еден е поведена прекршочна постапка, за друг случајот е застарен, а за преостанатите двајца дополнително ќе се отвора постапка. Во врска со судијата Ѓоко Ристов, кој е под истрага за пронајдени 350 илјади евра во домот на неговите родители, Чучуљ рече дека анкетен лист е поднесен, но не бил предмет на проверка.

Антикорупциската комисија годинава планира да изврши проверки на имотната состојба на по десет судии, обвинители, министри, пратеници, како и актуелни и поранешни градоначалници.