Ѓорѓиевски најавува изградба на нов мост кај Вардариште и кружен тек кај „Тобако 2“ во Аеродром

Еден од стратешките проекти е изградбата на нов мост кај Вардариште кој ќе ги поврзе општините Аеродром и Гази Баба, порачува Ѓорѓиевски

од Nikola Popovski
40 прегледи Фото: Орце Ѓорѓиевски

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски со дел од својот тим направи увид на неколку клучни локации што ќе бидат приоритет уште во првите месеци од мандатот. Од неговиот предизборен тим велат дека станува збор за проекти кои со години беа закочени и, според кои, конечно ќе се придвижат напред, со цел да се врати функционалноста на градот и да се обезбеди подобар квалитет на живот за сите скопјани.

Во соопштение стои дека Ѓорѓиевски направил увид на следните локации:

„-Локацијата за нова клучка во Хиподром

Изградбата на клучка која ќе овозможи приклучок кон автопатот на источниот дел од градот ќе ја растовари една од најоптоварените сообраќајници и ќе ја скрати дневната рута на илјадници возачи. Ова е проект кој директно ќе влијае на намалување на метежот, а со тоа и на загадувањето во овој дел од Скопје.

-Кружен тек кај „Тобако 2“

Со реализација на кружниот тек кај „Тобако 2“ ќе се реши долгогодишниот проблем со хаосот во сообраќајот и ќе се овозможи побрзо и побезбедно движење на возилата.

-Нов мост кај Вардариште

Еден од стратешките проекти е изградбата на нов мост кај Вардариште кој ќе ги поврзе општините Аеродром и Гази Баба. Овој проект не е само инфраструктурен, тој е мост на поврзување меѓу луѓето и меѓу делови на градот кои досега беа изолирани и оддалечени.

-Мостот „Генерал Михајло Апостолски“

Граѓаните со години чекаат да се реши проблемот со овој мост. Време е конечно да се пушти во употреба и да се стави во функција на граѓаните, затоа што токму ваквите недовршени објекти го кочат развојот и ја намалуваат довербата во институциите.

-Проширување на булеварот „Александар Македонски“

На влезот во Скопје, булеварот ќе добие трета лента која ќе го олесни протокот на возила. Со тоа, ќе се намали метежот кој секојдневно ги мачи граѓаните и ќе се подобри ефикасноста на движењето“, стои во соопштението.

Како што информирал Ѓорѓиевски, ова не се само инфраструктурни зафати туку визија за едно ново Скопје.

-Град кој дише полесно, каде што сообраќајот не е проблем, туку решение. Град каде што секој кварт е поврзан, секој граѓанин добива повеќе време за себе и своето семејство, а секое движење низ метрополата станува побрзо и поедноставно. Скопје ќе добива нов лик, модерен, функционален и достоинствен град, каков што заслужуваат скопјани, порачуваат од неговиот изборен штаб.