Ѓорѓиевски најавува парк кај Лепенец на потегот помеѓу Бардовци – Злокуќани – Даме Груев

Паркот ќе опфаќа површина од над 300.000 квадратни метри, вели Ѓорѓиевски

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: ФБ профил на Орце Ѓорѓиевски

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска, во рамки на предизборната кампања за претстојните локални избори, го презентираше планираниот проект за изградба на мегапарк долж течението на реката Лепенец на потегот помеѓу Бардовци – Злокуќани – Даме Груев, којшто ќе опфаќа површина од над 300.000 квадратни метри.

– Со изградба на мегапарк Лепенец ќе го претвориме ова подрачје во современ зелен простор уреден по европски стандарди. Паркот ќе се простира по течението на реката Лепенец на потегот помеѓу Бардовци – Злокуќани – Даме Груев и ќе опфаќа површина од над 300.000 квадратни метри. Тој ќе биде првиот парк што ќе ги поврзува повеќето скопски општини и ќе биде наменет за сите граѓани на Скопје, не само за карпошани. Ќе создадеме нова урбана оаза за рекреација, спорт, семејни активности, со што ќе му го вратиме животот на ова заборавено градско ткиво, посочи Ѓорѓиевски.

По течението на реката Лепенец, додаде, ќе бидат воспоставени зелени коридори со пешачки и велосипедски патеки кои, како што рече, ќе ги поврзуваат населбите, парковите и јавните институции.

– Паралелно со тоа планираме воспоставување зелени коридори по целата должина на реката Лепенец со пешачки и велосипедски патеки кои ќе ги поврзуваат населбите, парковите, но и јавните институции. Овој проект ќе го интегрира Лепенец во животот на градот и ќе го претвори во симбол на урбана поврзаност, чиста животна средина и граѓанска гордост пред сѐ, вели Ѓорѓиевски.

Визијата за зелено Скопје, рече, нема да застане со овие проекти. Тој истакна дека предвидени се проекти за изградба на мегапарк на моменталната дива депонија Вардариште, мегапарк долж булеварот Христијан Тодоровски – Карпош, како и градска шума во Расадник во Кисела Вода.

– Предвидуваме и мегапарк Вардариште којшто ќе ги претвори поранешната депонија во европски пример за зелена рекултивација. Градска шума во расадник во Кисела Вода, најголемиот зелен проект во урбаното подрачје. Мегапарк долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош, првиот зелен коридор од ваков обем во Бутел, како и проектот Скопски зелен архипелат кој предвидува 50 нови маалски паркови низ сите делови од нашиот главен град, истакна Ѓорѓиевски.