Ѓорѓиевски: Не треба да се зголемуваат даноците, иако имаме најниски во регионот

„Вработените овде (во Град Скопје) земаат плата и тие се исти како и другите граѓани во Скопје. И ќе си плаќаат колку што треба. Не може некој да плаќа 400 денари, а вие да плаќате 1.400 за месечен билет“, вели градоначалникот за цените на паркинзите

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изјави дека градот излегува од финансискиот и институционален колапс и започнува период на стабилизација и развој. Тој информираше дека при преземањето на функцијата затекнал град на раб на банкрот со речиси 300 милиони евра долгови, блокирани јавни претпријатија и нефункционален систем.

Во изминатите два месеци, како што рече, намалени се над 40 милиони евра обврски, нормализирана е исплатата на платите во јавните претпријатија, а со ребалансот на Буџетот и Буџетот за 2026 година, кој изнесува 5,2 милијарди денари, за првпат по долг период Град Скопје има повеќе средства отколку обврски.

Ѓорѓиевски рече дека и покрај тоа што имаме најниски даноци во регионот, смета дека тие не треба да се зголемуваат.

-Ние сè уште како Град немаме дадено услуги на граѓаните какви што заслужуваат за да можеме да размислуваме на оваа тема. Но, јас сметам дека даноците не треба да се покачуваат – додаде градоначалникот.

Не е во план ниту зголемување на цените на паркинзите.

-Има институции што плаќаат услуги на паркинзите, меѓу кои и вработените во Град Скопје, по повластени цени. Таква работа повеќе нема да има. Вработените овде земаат плата и тие се исти како и другите граѓани во Скопје. И ќе си плаќаат колку што треба. Не може некој да плаќа 400 денари, а вие да плаќате 1.400 за месечен билет. Секој ќе си плаќа колку што е износот – тој ќе биде ист за сите. Тука толеранција нема да има. Но, тоа не значи зголемување на цените, туку воспоставување ред, одговори Ѓорѓиевски на новинарско прашање.

Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информира оти се блокирани 17 694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96 562 физички лица и 2 335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.