Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски тврди дека општините во земјава работат домаќински и дека тоа може да се види низ практични примери.
На прашањето зошто општините се на листата на долгови секој квартал на Министерството за финансии, градоначалникот истакна дека начинот на финансирање на општините и процентот од данокот кој што се слева во општините низ европските земји е 50 до 70%, а кај нас е 6%.
-Единствен прилив на средства за општините во моментов се комуналиите. Треба да работиме на надминување на проблемите. Во делот на домаќинско или недомаќинско работење, тоа е инвидивуален пристап на поединци. Не поддржувам недомаќинско работење. Во моментов, градоначалникот на Охрид после толку години ја извади општината од блокирана сметка. Имавме проблем околу наследените долгови, но мислам дека состојбите одат кон подобро, каде што и средствата се инвестираат во капитални инвестиции, одговори Ѓорѓиевски на новинарско прашање.
За потпорниот ѕид кај Детската клиника кој може целосно да падне, претседателот на ЗЕЛС рече дека еднонасочна е комуникацијата со Градот Скопје.
-Немаме никаков одговор од Град Скопје. Надлежноста ја презел Градот во 2019 година. Малку е трагично во 21 век да се занимаваме за ѕид кој што се решава за 2-3 дена како проблем. За жал, одредени институции немаат слух и не знаат да си ја сработат работата, кажа Ѓорѓиевски.