Ѓорѓиевски тврди дека „генералката“ на Скопје нема да трае само 72 часа

Градоначалникот на Скопје најави дека во новиот Буџет за Градот за 2026 ќе влезе и проектот „БРТ-систем“

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека во новиот Буџет за Градот за 2026 година ќе бидат обезбедени и средства за проектот „БРТ-систем“. Ѓорѓиевски, порача дека акцијата за чистење на главниот град нема да биде само краткорочна иницијатива, туку континуиран процес.

„Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Генералката нема да трае само 72 часа, туку ќе продолжи секој ден. Ова не е маркетинг, туку наша обврска кон граѓаните“ – изјави градоначалникот на првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје.

Со над 100 камиони и повеќе од 800 работници почна големата акција за чистење на метрополата. На испомош на новиот градоначалник му пристигна и механизација од други градови и локални самоуправи. Камионите го собираа сметот, цистерните ги миеја улиците и централниот плоштад.

Сега во функција се 40-ина камиони на скопски „Комуналец“, но ќе се набавуваат и нови возила. Почнаа и инспекциските контроли, а Ѓорѓиевски најави дека ќе се постави и временска рамка, од колку до колку часот граѓаните ќе може да одлагаат отпад.

Паралалено со акцијата почна и „чистката“ во јавните претпријатија – избркани се лица кои не работеле, а зеле пари, но, првиот работен ден на Ѓорѓиевски отвори и сомнеж за криминал во ЈП „Комунална хигиена“. Го повика Обвинителството да реагира.