Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски смета дека веќе јавно е обелоденета коалицијата меѓу СДСМ и Левица по вчерашниот повик на неговиот противкандидат Амар Мециновиќ за поддршка од гласачите на кандидатката на СДСМ, Каја Шукова.
-Особено после она што се случи и повикот на Левица до гласачите на СДСМ да ги поддржат поради исти идеолошки погледи, како што рече кандидатот, веќе јавна е коалицијата. Треба да се земе во предвид и добро да се погледнат резултатите, во кои делови Левица имала добиено поддршка. Јас сметам дека и во првиот круг имаше поддршка во Скопје од ДУИ, рече денеска Ѓорѓиевски на прес-конференција.
Градоначалникот на Кисела Вода вели дека не се занимава со партиски интриги како што тоа други го прават. Исто така наведува дека не се занимава со црна кампања.
-Имам сериозна програма пред граѓаните и сериозен кредибилитет за она што сум го остварил изминатиот период. Нашиотмнарод е многу мудар – кој и да прави калкулации, игри и да пробува да прегрупира гласови, убеден сум во победа која што ќе ги декласира. Нашите заложби се јасни, посочува функционерот.
Ѓорѓиевски за актуелните состојби во Градот Скопје и проблемите со ѓубрето низ градот, рече дека се обидува да ги амортизира непријатностите. Во 14 часот има состанок како претседател на ЗЕЛС со останатите скопски градоначалници, на кој ќе се дискутира за чекорите што ќе се преземат.
-Да не дозволиме Скопје и понатаму да биде една голема депонија како што некој тоа го дозволува со месеци и години наназад, кажа кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.