Министерот за локална самоуправа, Златко Перински се уште не открива дали ќе биде нов кандидат за градоначалник на Град Скопје и остава да помине седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во недела. На новинарско прашање дали е точно дека градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски води на внатрепартиските анкети и ќе биде кандидатот на најголемата владеачка партија, Перински вели дека нема таква информација, но најавува целосна поддршка и соработка во кампањскиот период со било кој кандидат.
-Без разлика кој и да биде кандидат за градоначалник, ја има мојата целосна поддршка, а моето темпо за работа ќе си продолжи како и досега, рече Перински на прес-конференција.
Околу партиските анкети за поддршката на граѓаните, министерот вели дека очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ за победа во Скопје се големи и се базирани на бројки.
-Бројките на анкетите, споредбено ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ, се историски позитивни во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што имаме шанси да победиме во секоја општина во Македонија се базирани на тие бројки и е извесно дека тоа ќе се случи. Нашата партија е доминантно позиционирано во градот Скопје и не очекувам некакви изненадувања. За кратко време ќе се заврши процесот и во општина Центар. За неколку дена ќе имаме потврда како ќе настапиме во следниот период, истакна Перински.