Не престануваат пресметките на скопското криминално подземје. Очигледно дека се разгорува борбата за превласт на подрачјето на главниот град. Раде Трајковски-Штекли, кој вчера беше ранет во пукање во трговски центар „Ист Гејт Мол“, наводно бил предупреден дека ќе се најде на патеката од куршуми. Како што беше пренесено, пред неколку дена на социјалната мрежа ТикТок била објавена фотографија од Трајковски со морничава порака и директна закана кон него.
Кој е всушност Раде Трајковски – Штекли и зошто беше пукано врз него?
Според поранешниот началник во Министерството за внатрешни работи и помошник-директор на Криминалистичка полиција, Љубомир Ѓурчески , популарниот „Штекли“ е во повисоките форми на нарко-дилерските кланови и еден од главните на подрачјето на Аеродром, Ново Лисиче, Лисиче, Кисела Вода и останатиот дел од македонскиот блок.
-Сите оперативни сознанија наведуваат дека ова е нарачано убиство кое што мора да се изврши. Првиот неуспешен обид за убиство пред два месеци не значеше дека неговата ликвидација прекина. Постојано се пишуваше дека тоа ќе продолжи и беше најавувана. Тоа беше знак дека МВР мора да преземе поголеми оперативни мерки за неговото движење – каде се движи, каде претстојува заради тоа што организираните криминални групи не ги менуваат своите места своите места на седење затоа што таму се сигурни, вели Ѓурчески за „Локално“.
Оттука, додава поранешниот началник, Трајковски честопати го користел просторот на Ист Гејт Мол, каде смета дека можеби имал и клиентела.
-Вчерашното пукање е продолжување на нарачката на организираните криминални групи. Дали станува збор за должничко-доверителски односи, неплатена испорака или можеби соработка на Трајковски со безбедносни служби за да падне друг дилер, што и се случи во последните 4-5 месеци, како на пример лабораторијата за производство на марихуана во Влае. Сите овие елементи покажуваат дека пресметките во делот на нарко-трговијата ќе продолжат. Не случајно падна високо позиционира член на бандата од Грчец, роднина на Шеваљ Муареми, кој беше баран по меѓународна потерница. Иако министерот Спасовски изјави дека ги ставил под контрола криминалните групи од Чаир, Грчец и Арачиново што испаѓа многу невкусна информација, посочува Ѓурчески.
Соговорникот е загрижен поради тоа што пукотниците се случија на јавно место, каде што има голем број на посетители.
-Тоа ме загрижува што не се бира место и време за пресметка на криминалните групи. Собраа храброст, но не дај боже да дојде до случајни жртви. Загрижен сум од тоа што се случува на безбедносен план. МВР мора повеќе да ги покрива јавните места како моловите со повеќе полициски службеници, со цел да не дојде до жртви, апелира Ѓурчески.
Поранешниот вработен во МВР вели дека се залага за превенцијата како главна мерка за спречување на вакви грозоморни дела. Вели дека постојано зборува за обученоста на лицата кои што се обезбедување на јавни објекти, за нивната надлежност, овластувања, како и носење огнено оружје додека ги извршуваат работните обврски, но само во објектите.
-Тие лица кога добиваат лиценца, нивната обука треба да биде посериозна, пообемна, подолготрајна и подобро запознавање со основните елементи на полициското работење. Комората за обезбедување треба да си изврши измени на Законот за обезбедување на лица и објекти, со цел да помогне во превентивното попречување на вршење на кривични дела во објектите кои што ги обезбедуваат. Во МВР има доволно полициски старешини кои знаат како да ги користат ресурсите и да обезбедат безбедност и мир, анализира Ѓурчески.
Колку за потсетување, Трајковски претходно беше поврзуван со убиството на Мартин Јанушев во Аеродром. Според тогашните информации, тој потоа побегна во Србија, од каде беше екстрадиран во земјава. Меѓутоа, против него никогаш не беа пронајдени докази и тој не беше кривично гонет за ова убиство.
Ова е втор пат за неколку месеци Трајковски да биде цел на напад. Пред два месеци непознато лице пукаше од автоматско оружје кон автомобилот во кој се наоѓал. Нападот се случи во истиот трговски центар во гаражата, но Трајковски во таа прилика не беше повреден. Сега се наоѓа во ГОБ “Св. Наум Охридски“, каде што вчера му бил извршен хируршки зафат.
Н.П.