Ѓуриќ: Зауздајте го Курти со санкции

Косовскиот премиер предизвикува кризи бидејќи не сноси никакви последици за тоа што го прави, смета амбасадорот на Србија во САД, Марко Ѓуриќ

од Бети Божиноска
207 прегледи

Белград веќе подолго време укажува на фактот дека косовскиот премиер Албин Курти е дел од проблемот, а не дел од решението, тврди српскиот амбасадор во Вашингтон, Марко Ѓуриќ и додава дека приштинскиот лидер продолжува да предизвикува акутни кризи на секои неколку недели, бидејќи не се соочува со соодветни последици и санкции за своите постапки.

Ѓуриќ во интервју за „Политика“ наведува дека Белград ги расветлува дестабилизирачките активности на режимот во Приштина, кој систематски ги крши индивидуалните и колективните човекови, економски и политички права на немнозинските заедници во Косово, а особено на Србите.

„Етнонационалистичкиот режим на Курти поткопува се во што меѓународната заедница инвестираше десетици милијарди долари во текот на неколку децении“, нагласува Ѓуриќ.

Според него, иако примарната одговорност за дијалогот е на ЕУ, примената на механизмот за санкции со кои располагаат ЕУ и САД ќе дејствува поволно како начин за одвраќање од нови еднострани потези и ќе го врати фокусот на процесот врз дијалогот.

„Сакам да ве потсетам на фактот дека претседавачот со српскиот кокус во американскиот Конгрес, конгресменката Клаудија Тени, поднесе предлог-закон со кој се прекинува секаква соработка со Косово додека Курти не ги повлече силите од северниот дел на земјата и не го запре прогонот на Србите и ја формира ЗСО“, рече Ѓуриќ.

Слични содржини