„Хрватска би морала да ја заштити С. Македонија од националистичкото „малтретирање“ од страна на Бугарија, а како најмлада членка на ЕУ да демонстрира солидарност со граѓаните на Македонија и нивното право на самоопределување“, смета хрватскиот опозициски пратеник Бојан Главашевиќ во изјава за ДВ.
Според него, солидарноста со национализмот не е вредност на ЕУ.
„Бугарското вето е мотивирано исклучиво од национализам и обидите на ГЕРБ да го оттргне вниманието од корупциските афери на партијата и нејзиниот лидер.Мислам дека и Заев грешеше, дека правеше отстапки на места на кои не требаше, но тоа се грешки кои, се надевам, ќе биде можно да се исправат по изборите во Бугарија“, вели Главашевиќ.
Тој го праша хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ „дали и на кој начин ќе интервенирате за да се обезбеди дека пристапниот процес се одвива во добра волја и дека во неговите рамки Северна Македонија ќе биде заштитена од обидите на Бугарија да го злоупотреби тој процес за решавање на отворените билатерални прашања со Северна Македонија?“
Хрватската влада во одговорот на пратеничкото прашање наведува дека Загреб „силно го поддржува“ патот на С. Македонија во ЕУ, и дека за време на хрватското претседавање со Советот, во првата половина на 2020 имало многу активности околу проширувањето.
Владата во Загреб смета дека проблемите треба да се решаваат билатерално, а не во рамки на пристапните преговори- но премиерот не наведува што (и доколку да: како) ќе преземе за отстранување на бугарската блокада? Нејасен е сепак ставот на Владата и по прашањето на македонскиот јазик. Загреб, имено, во писмениот одговор пишува дека „решавањето на прашањето за јазикот“ е важно за договор со ЕУ. Главашевиќ, кој по професија е лингвист, за ДВ вели дека по прашањето на македонскиот јазик нема ништо непознато и нерешено. Во факултетските денови и самиот учел македонски јазик (еден семестар) и има јасен политички и лингвистички став за тој јазик.
Драги пријатели од Македонија, многумина од вас почнаа да ме следат тука во последните неколку дена. Само сакав да ве поздравам и да ветам дека ќе се обидам да напишам што е можно повеќе на вашиот јазик. Не пречи ако некогаш грешам, учев македонски само еден семестар на колеџ :)
— Bojan Glavasevic (@bglavasevic) January 24, 2021
„Ми се чинеше чесно, кога говориме за Македонија и Македонците, тоа да го правиме и на нивниот јазик. Со тоа покажуваме дека ги прифаќаме и дека навистина ги сакаме во Унијата, дека тие во пристапниот процес се субјект, а не објект. Македонија е земја со која делиме силни историски, културни и други врски. И Хрватска треба да и биде најдобар пријател на нејзиниот европски пат“, потенцира независниот бугарски пратеник.