„Глечерот на судниот ден“ забрзано се топи, научниците имаат докази кога започнал процесот и зошто

од Stefanija Kuzmanovska
454 прегледи

Топењето на таканаречениот „Глечер на судниот ден“ може да доведе до катастрофално покачување на нивото на морето.

Токму затоа што забрзано се топи, научниците се обиделе да го реконструираат неговото минато и откриле зошто и кога започнал тој процес, пишува Си-Ен-Ен.

Глечерот Твејтс на Западен Антарктик е најширокиот глечер во светот и е со големина колку Флорида. Научниците знаеја дека мразот исчезнува со забрзано темпо од 1970-тите, но бидејќи сателитските податоци се стари само неколку децении, не знаеле кога почнало топењето.

Со анализа на морскиот талог извлечен од дното на океанот, научниците открија дека глечерот почнал да се топи во 1940-тите, веројатно поради многу силниот ефект на Ел Нињо. Оттогаш, глечерот не може да се опорави, а причината за тоа може да биде зголеменото влијание на климатските промени, за што е виновен човекот, се вели во студијата.

Што и да се случи со глечерот Твејтс ќе има глобални последици. Истиот досега придонесе за глобално покачување на нивото на морето за четири отсто, но неговиот колапс би го подигнал нивото на морето за повеќе од 65 сантиметри.

Покрај тоа, има витална функција за одржување на стабилноста на ледената покривка на Западниот Антарктик. Работи како приклучок, пишува Си-Ен-Ен, па неговото пропаѓање би ја поткопало стабилноста на ледената покривка, чие топење би го подигнало нивото на морето за три метри, што би довело до катастрофални поплави ширум светот.

Истражувањето го откри однесувањето на глечерот во последните 12.000 години. Благодарение на оваа информација, научниците веруваат дека знаат зошто почнал забрзано да се топи.

„Тоа било поттикнато од екстремниот Ел Нињо, кој се случил веројатно кога глечерот веќе бил во фаза на топење. Тоа е како кога некој ќе ве клоцне кога веќе сте на земја, последиците ќе бидат многу посилни и поголеми“, вели Џулија Велнер, професор по геологија на Универзитетот во Хјустон и еден од авторите на студијата.

Тед Скамбос, глациолог од Универзитетот во Колорадо, не бил вклучен во истражувањето, но вели дека тоа потврдува многу од она што е познато за глечерот Твејтс.

„Глечерот бил блиску до тоа да стане нестабилен, кога удрил силниот природен феномен. Понатамошните настани зависат повеќе од климатските промени и се дел од поширокото топење на глечерите“, изјавил тој за Си-Ен-Ен.

Слични содржини