Минатонеделните испади на незадоволство од навивачите на Манчестер Јунајтед, кои влегоа во голема група и делумно го уништија стадионот „Олд Трафорд“, беа најавени како почеток на голема борба за заминување на сопствениците на клубот, американското семејство Глејзер. Протестите имаа и екстремна нота, бидејќи неколкумина чувари и полицајци беа повредени на стадионот, а хулиганите исто така го кренаа својот глас по улиците на Манчестер откако го напуштија стадионот.
Тие бараат една работа – семејството Глејзер по итна постапка да го напушти Јунајтед, така што клубот ќе стане мнозинска сопственост на навивачите. Сопствениците категорично го отфрлаат тоа, и за разлика од сопствениците на Челси, Ливерпул или градскиот ривал Сити, тие не испратија јавно извинување до симпатизерите кои се обидоа да го воведат Јунајтед во мегаломанскиот проект на Европската Суперлига. Тие тоа го сторија едвај сега.
Иако не размислуваат за можноста да го напуштат клубот, Глејзери наводно се подготвени да разговараат со претставниците на навивачите за делумната сопственост на клубот.
Имено, „Атлетик“ тврди дека братот на првиот човек и косопственик на Јунајтед, Џоел Глејзер, им напишал отворено писмо на навивачите во кое потенцира дека сака разговорите да се одржат што е можно побрзо за да можат приврзаниците да влезат во сопственичка структура. За разлика од Аврам, неговиот брат, Џоел претпочита да се сретне лице в лице со навивачите за да разговара директно за горливите прашања, отколку да се водат преговори преку писма и соопштенија.
Џоел во писмото потенцира дека верува во „моделот навивачите да бидат сопственици на клубот“, поради што сака да разговара со нив за да го одреди точниот модел, односно процентот што би им припаѓал.
„Одговорно тврдам дека сме максимално подготвени да разговараме за ревизија на сопственоста на клубот, со цел да ги вклучиме навивачите во срцето на случувањата“, се вели во писмото.
Тој подоцна издаде јавно извинување за обидот да го вклучи Јунајтед во Суперлигата без знаење на навивачите, но уверува дека единствената цел бил клубот да се натпреварува со најдобрите во светот. Џоел, исто така, вети дека семејството ќе вложи многу пари за да му даде на Јунајтед најсовремен центар за обука, бидејќи дотраеноста на Карингтон исто така е трн во око на поддржувачите кои укажуваат какви капацитети имаат конкурентите на Островот.
Организирана група навивачи наскоро одговори на писмото на Џоел, нагласувајќи дека неговото обраќање „теоретски може да доведе до промена на насоката по 16 години молк од семејството Глејзер“, но тие очекуваат разговорите да се одржат за да навистина се промени нешто, а не само да се зборува за темата која предизвикува најголемо незадоволство.
„Ако остатокот од навивачите е „за“, ние ќе почнеме да разговараме со вас. Проблемот не е само Суперлигата, туку минатото што клубот го има со вас. Нашата цел е навивачите да бидат сопственици на клубот и нивниот глас да биде важен како оној на семејството Глејзер. Тоа е единствената варијанта за која се согласуваме. Ние сакаме нов Манчестер Јунајтед, каде навивачите ќе го кажат својот збор и глас што ќе значи нешто“, се вели во одговорот.
Дали е на повидок револуција во Јунајтед и што навистина ќе се случи на крајот?