Глигоров: Руско-украинската криза не би требало да предизвила забрзана инфлација во Македонија, или барем не до крај на летото

од Берта Китинска
335 прегледи

Професорот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Владимир Глигоров во изјава за „Локално“ ги смирува стравувањата на јавноста од појава на инфлација како последица од руско-украинската криза. Сепак, неговите проекции се однесуваат само до завршувањето на летото.

“Не би требало да се соочиме со забрзана инфлација, пред се поради тоа што со приближувањето на летото ќе се намали побарувачката на енергија и на храна или пак ќе дојде до зголемување на понудата.Останува да видиме што потоа ќе се случува’’, вели Глигоров.

Според него, во ситуација кога нема информации, ниту пак сигурни проекции за тоа кога војната ќе заврши, природно е повеќе да се штеди отколку да се инвестира.

Политичките последици, од друга страна според Глигоров се многу посериозни бидејќи како што вели, се соочуваме со нов свет.

„Пандемијата колку и да е тешка и колку и долго да трае, сепак е привремена криза после која се треба да се врати на старо, но тука станува збор за постојана промена во односите во светот’’, вели Глигоров .

Во моментов, според него никој не може со сигурност да знае или да прогнозира како ќе изгледа политичкиот живот и релациите во новиот свет. Како отежувачки проблем го посочува и фактот дека особено не е јасно што ќе се случува со стабилноста во регионот .

Стравот на луѓето од зголемени цени на храната и трупањето резерви , е вели разбирлива последица. Сугерира дека е потребно да им им се објасни на граѓаните дека недостигот на храна не би требало да е проблем. Оттука, сигурен е дека оваа првична реакција ќе помине брзо и ќе биде минлива.

“Единствено што во моментов треба да се направи е да се смири стравувањето кај граѓаните, да не се прави паника. Никакви други мерки не се потребни.’’вели Глигоров.

Според него, треба да се земе предвид и олеснувачкиот факт дека се приближува летниот период , со што се подобруваат условите за поголема успешност на пазарот.

Како сигурна извесност го предочува фактот дека по сите досегашни превземени санкции кон Русија и по нејзиното исклучување од СВИФТ државите кои имаат бизнис релации и соработуваат со Русија ќе имаат проблеми. Сепак, заклучува дека ова е многу помал проблем за Македонија.

К.В.С.