Инвеститорите масовно ги пренасочуваат своите средства кон таканаречените сигурни засолништа, стравувајќи од нови потреси на светските пазари.
Цената на златото за испорака во февруари денеска порасна за 1,71 отсто и достигна 4.674,20 долари по унца, додека спот-цената се искачи на 4.668,14 долари. И среброто го следи истиот тренд, неговата цена скокна за повеќе од пет отсто, достигнувајќи рекордни 93 долари по унца.
Овој ненадеен раст доаѓа по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за стоки од осум европски земји. Според најавата, мерките ќе останат во сила сè додека не се постигне договор за, како што изјави Трамп, „целосна и апсолутна купопродажба на Гренланд“, што дополнително ја заостри реториката околу анексијата на арктичкиот остров и ја доведе во прашање стабилноста во Европа.
Од инвестициската куќа Ninety One оценуваат дека растот на златото има цврста основа. Според нивните прогнози, очекуваниот пад на реалните каматни стапки и континуираната диверзификација на резервите од страна на централните банки создаваат повеќе причини за понатамошен раст отколку за продажба на благородните метали во текот на 2026 година.
Во меѓувреме, глобалните пазари се потресени од серија геополитички настани, од ескалацијата на кризите на Блискиот Исток и продолжувањето на војната во Украина, до тензичните односи меѓу САД и Европа. Европските берзи веќе реагираа негативно, а акциите на автомобилската индустрија и луксузните брендови забележаа значителен пад по најавата за новите царини.
Дополнителна неизвесност внесува и истрагата на американското Министерство за правда против претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, што кај инвеститорите отвори стравувања од политички притисок врз централната банка и можни драстични намалувања на каматните стапки.
Додека златото и среброто растат како одраз на глобалната несигурност, индустриските метали, предводени од бакарот, исто така бележат пораст, поттикнат од зголемената побарувачка за енергетска инфраструктура и дата-центри.