Гневна реакција во Бугарскиот парламент поради зборовите на Николоски, бараат отповикување на македонската амбасадорка

од Nikola Popovski
145 прегледи

Остра политичка реакција во Бугарскиот парламент следеше по вчерашната изјава на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека Бугарија се покажала како „нецивилизиран домаќин“ откако на средбата помеѓу претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска Давкова во Софија немаше македонско знаме.

Бугарските политичари го повикале бугарското МНР за итна акција, испраќање демарш, па дури и отповикување на македонската амбасадорка Агнеса Руси Поповска.

Копретседателот на ДПС, Дељан Пеевски побарал отповикување на амбасадорката додека во Софија „не добијат извинување од Скопје“.

„По уште една скандалозна и неприфатлива ароганција што ја покажа прорускиот режим на Мицкоски, РСМ мора да добие дефинитивен одговор од бугарската држава. Амбасадорката на РСМ мора веднаш да биде отповикана додека Бугарија и Бугарите не добијат соодветно извинување за навреди кон бугарската држава и народ“, рекол координаторот на пратеничката група на ДПС, соопштуваат бугарските медиуми.

„И нека се знае дека нема да толерираме некој да си дозволи таков став. Уште помалку што претставниците на власта тврдат дека за нивната земја, за која Бугарија направи толку многу како поддршка низ годините, има место во европското семејство“, нагласува Пеевски.

Од партијата „Продолжуваме со промените“ потсетиле дека има договор што Скопје треба да го спроведе доколку сака да влезе во ЕУ, „а тоа е веќе проблем меѓу Македонците и Брисел“, кој треба да го заштити, како што велат, нивниот интерес како земја-членка.

„Мора да има реакција од страната на Бугарија, која ќе потсети токму на тоа – има договор, тој мора да се спроведе“, изјавил копретседателот на ПП, Асен Василев.

Според него, Европа треба да излезе со реакција.

„Нашето МНР мора да работи со Европа, бидејќи, знаете колку не плукаат за договорот, тоа е веќе проблем меѓу Европа и Македонија, а бугарските интереси ги штити и Европа“, коментирал Василев во Бугарското собрание.

„Тоа е она што Македонците мора да го разберат. Ако сакаат да влезат во ЕУ, има договори и овие договори мора да се спроведат“, нагласил тој.

„Ваквиот јазик е неприфатлив, особено во контекст на барањето на Македонија за членство во ЕУ. Тоа на ниту еден начин не придонесува за подобрување на односите меѓу соседите. Таквата изјава може целосно да ги разниша нашите односи. Тоа беше манифестација на многу лош вкус“, изјавил заменикот-координатор на пратеничката група на „БСП за Бугарија“, Иван Иванов пред новинарите во тамошното Собрание.

„МНР да го повика на објаснување македонскиот амбасадор во Народното собрание. Ваквата изјава ја навредува нашата заедничка историја, која што е факт“, додал Иванов, кој е историчар.

Од партијата „Има таков народ“ потсетиле дека грешката била што „ПП-ДБ, ГЕРБ и ДПС го укинале ветото за Македонија“

„Ова е доказ зошто Република Северна Македонија (РСМ) нема место во ЕУ, како и за националното предавство што го направија во ПП-ДБ, ДПС и ГЕРБ со укинувањето на ветото на нејзиниот пристап. За ваквата реторика и шефовите на држави кои си дозволуваат така да зборуваат, нема место во ЕУ“, коментирал претседателот на пратеничката група на ИТН, Тошко Јорданов, пренесува бугарски „Dir“.

Како што вчера рече Николоски во емисијата „За или против“ на Алфа ТВ, на средбата меѓу Радев и Гордана Сиљановска, домаќините не покажале респект кон нашата претседателка.

„Минимум пристојност е да ставите знаме на државата од која што доаѓа претседателот. И минимум човек треба да е нормален за тоа да го сработи. Најмалку треба да се очекува од претседател на држава да оди таму и да гледа каде има – каде нема знамиња. Тоа не е работа на претседателката, туку на домаќинот да покаже пристојност.

Ама затоа што домаќинот очигледно ниту е цивилизиран, ниту е пристоен, ниту има каква било почит, затоа е работава ваква каква што е. Е сега помизерни од нив се само нашиве домашниве слуги, кои прифатија дека имаме заедничка историја и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, сега зборуваат за патриотизам“, рече Николоски.

Слични содржини