Го крчмите мојот имот без око да ви трепне. Предупредувам дека мојата војна против организаторите на овој криминоген чин ќе оди до крај, вака реагира бизнисменот и поранешен директор на сега пропадната Еуростандард банка, Трифун Костовски по објавите дека македонската компанија „Пантелеон ГС“ победила на наддавањето на третата по ред електронска аукција и понудила најмногу за зградата на Еуростанард.
Тој порачува дека зградата на бившата Еуростандард банка по ниту еден параметар не смее да биде подолу од 12 милиони евра.
-Предупредувањето го упатувам до Стечајниот управител Саздовски и Одборот на доверители на Еуростандард банка. Немојте да дозволите да процедурално помине криминоген чин во обезвреднување на туѓиот имот за сметка на поединци и групи.
Самиот манипулативен чин за ефтино купување на мојот имот е ваш потег да го обезвредните собраниот капитал во стечајната маса и со тоа на јавноста да докажете дека јас и моето семејство сме виновни доколку не се соберат средства за обештетување на правните, физички лица и нас, акционерите, предупредува Костовски.