Фудбалерот на Борусија Менхенгладбах, Маркус Турам е суспендиран на шест натпревари поради плукање на противнички играч, соопшти тамошниот фудбалски сојуз.
Турам ќе ги пропушти следните пет натпревари во Бундеслигата и Купот на Германија, а шестиот е условен и ќе се активира доколку направи некаков прекршок до 21 декември 2021 година.
Тој беше казнет и со 40.000 евра, а клубот претходно го казни со одземање на една плата, која ќе биде донирана во хуманитарни цели.
Французинот го плукна противничкиот играч Стефан Пош на мечот со Хофенхајм во саботата. Судијата потоа го прегледа видеото и му покажа црвен картон на Тирам.
Спортскиот директор на Менхенгладбах, Макс Еберл изјави дека плукањето и ваквото однесување не е карактеристично за Турам, синот на легендарниот Французин Лилијан Тирам, кој пристигна во клубот во 2019 година од Генгамп.
По натпреварот, Турам беше критикуван од неговите соиграчи и тренерот на Менхенгладбах. Потоа им се извини на Пош, Хофенхајм, соиграчите, семејството и истакна дека ќе ги прифати сите последици од тој гест.