Власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на зголемување на животниот стандард на граѓаните во Македонија, соопштија од партијата на власт по почетокот на протестите на дел од јавната администрација.
Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека годинава ќе има повторно зголемување на минималната како и на сите останата плати.
-Покачувањето на платите и зголемувањето на животниот стандард е приоритетна заложба на владата и тоа ќе се постигнува на одржлив начин преку економскиот раст, потенцираат од партијата и потсетуваат дека се постигнаа договори со синдикатите и се потпиша колективни договори за историски раст на платите на сите вработени во здравство и образование.
Претходно од СДСМ соопштија дека го разбираат револтот на работниците во јавниот сектор и ги поддржува нивните барања за покачување на платите кои се целосно оправдани. Велат дека Владата има обврска да обезбеди услови за потпишување на колективните договори и зголемување на платите.
Од СДСМ замеруваат што во изминатите седум месеци, минималната плата остана непроменета, додека просечната плата стагнира. Партијата на Венко Филипче потсетува дека за период од 7 години, ја зголемиле минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари, а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Почнувајќи од денес, вработените во МЖПП, Министерство за дигитална трансформација, МЗШВ, Министерство за правда, Министерство за култура, Министерство за економија, Министерство за транспорт, Државен завод за статистика и Државен архив, почнуваат протести. Бараат исплата на 30 проценти додатоци на плата. Како што рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, висината на платите на вработените во институциите што протестираат почнува од 25010 денари, а просечната плата во овие институции изнесува околу 29 илјади денари.
-Додатокот што го бараме од 30% значи дека вработените би добиле 6000 денари зголемен износ, но, повторно сите вработени ќе бидат под просекот на државата. Ова барање е старо повеќе од 4 години и постојано сме барале и штрајкувале, рече меѓу другото Деаноски на денешниот протест.
Протестите ќе траат секој ден од 11 до 11:30 часот, а во петок сите вработени во институциите што протестираат ќе се соберат пред зградата на Министерството за финансии.