Годишната стапка на инфлација во еврозоната во ноември потврдена на 2,4 отсто

од Vladimir Zorba
182 прегледи

Годишната стапка на инфлација во еврозоната падна на 2,4 отсто во ноември од 2,9 отсто во октомври, во согласност со претходната прелиминарна проценка, објави денеска Евростат.

Цените на услугите се зголемени за четири отсто на годишно ниво, расходите за храна, алкохол и тутун за 6,9 отсто, додека цените на енергенсите се намалени за 11,5 отсто во однос на ноември 2022 година, објави веб-страницата на Евростат.

Годишната стапка на основна инфлација во еврозоната во ноември беше потврдена на 3,6 отсто, што е најниска од април 2022 година.

Инфлацијата во Европската унија во ноември падна на 3,1 отсто од 3,6 отсто во октомври, додека во ноември 2022 година изнесуваше 11,1 отсто.

Највисока стапка на инфлација на годишно ниво меѓу земјите на ЕУ е забележана во ноември во Чешка – осум проценти, Унгарија – 7,7 проценти, Словачка и Романија – по 6,9 проценти, а најниска во Данска – 0,3 проценти и Италија – 0,6 проценти. .

Во Белгија во наведениот период е забележана дефлација од 0,8 отсто.

Годишната стапка на инфлација падна во ноември во 21 од 27 земји на Европската унија.

Слични содржини