Според најновите показатели, годишната стапка на инфлација во октомври достигна 19,8%. Забрзувањето во целост се должи на порастот на цените на одредени типови прехранбени производи на домашниот пазар, соопштија од Народната банка по одржаната седница на Советот и редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.
Со тоа, просечната годишна инфлација во периодот јануари – октомври 2022 година изнесува 13,2%, од кои и натаму ¾ се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата.
И покрај тоа што факторите коишто придонесуваат за раст на инфлацијата претежно се увезени ценовни притисоци, тие влијаат и врз инфлациските очекувања. За ова придонесува и неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, којашто е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија. Оттука, од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка. Според тековните остварувања и оцените за увозните цени, ризиците за инфлацијата се нагорни, велат од НБ.
Во однос на активноста во домашната економија, бруто домашниот производ во првото полугодие од годината забележа умерен реален раст од 2,6%. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал упатуваат на забавување на реалниот економски раст, видливи преку значителното забавување на реалниот годишен раст на прометот во вкупната трговија и падот кај индустриското производство и кај извршените градежни работи. Ова, заедно со надолните ревизии на странската побарувачка поради ефектите од воениот конфликт во Украина и енергетската криза, упатува на понеповолни изгледи и надолни ризици за растот во следниот период.
Општо земено, велат од Народна Банка, неповолното надворешно окружување и нагласените ризици налагаат водење исклучително претпазливи домашни политики.
– НБ внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците. Како и досега, централната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и на среднорочната ценовна стабилност, додаваат оттаму.