Годишнина од нападот на Хирошима: „Нуклеарното оружје е глупаво, не гарантира безбедност, само смрт и уништување“

од Vladimir Zorba
192 прегледи

Во Меморијалниот парк на мирот во Хирошима денеска се одржа собир во знак на сеќавање на атомскиот напад што американските сили го извршија врз тој град пред 77 години, а присуствуваа и премиерот на Јапонија Фумио Кишида, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, градоначалникот Казуми Мацуи и други официјални лица.

Високи функционери предупредија на опасноста од нуклеарното оружје и истакнаа дека стравуваат од нов таков напад во услови на руска војна против Украина.

Кишида на меморијалниот состанок рече дека светот сè уште се соочува со закана од нуклеарно оружје.

„Морам да го кренам гласот и да апелирам до луѓето ширум светот никогаш да не ја повторат трагедијата од користењето нуклеарно оружје. Јапонија ќе го чекори својот пат кон свет без нуклеарно оружје, без разлика колку е тесен, стрмен или тежок“, рече Кишида, пренесе АП.

Кишида, кој ќе биде домаќин на самитот на Групата седум идниот мај во Хирошима, рече дека се надева оти сите лидери на Г7 ќе се обединат во заштитата на мирот и меѓународниот поредок заснован на универзалните вредности на слободата и демократијата.

Гутереш оцени дека нуклеарното оружје носи само смрт и уништување.

„Нуклеарното оружје е глупаво. Не гарантира безбедност, само смрт и уништување. Три четвртини век подоцна, треба да се запрашаме што научивме од облакот од печурки што се надвисна над овој град во 1945 година. На Блискиот Исток и на Корејскиот Полуостров брзо се шират кризи со сериозен нуклеарен призвук. Една грешка, едно недоразбирање, една погрешна пресметка може да не доведе до Армагедон“, рече Гутереш, кој се придружи на молитвата во Паркот на мирот во Хирошима, пренесе АП.

Градоначалникот на Хирошима, Казуми Мацуи го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека го користи својот народ како алатка за војна и ги краде животите и егзистенцијата на невините цивили во друга земја.

„Војната на Русија против Украина помага да се зајакне поддршката за нуклеарно разоружување“, рече Мацуи и го повика светот да не ги повторува грешките што го уништија неговиот град пред речиси осум децении.

Мацуи ги критикуваше државите со нуклеарно оружје, вклучително и Русија, дека не преземаат чекори и покрај ветувањата дека ќе се придржуваат до нивните обврски од Договорот за неширење на нуклеарното оружје.

„Наместо светот без нуклеарно оружје да го третираат како далечен сон, тие треба да преземат конкретни чекори кон негово остварување“, рече тој, пренесува АП.

Сите присутни во Паркот на мирот, вклучително и јапонските владини претставници и странските дипломати, со едноминутно молчење го проследија звукот на мировните ѕвона во 8:15 часот по локално време, кога американски Б-29 фрли бомба врз градот.

Ослободени се околу 400 гулаби, кои се сметаат за симболи на мирот.

Слични содржини