Тенисерот Новак Ѓоковиќ утре го очекува првиот натпревар на годинешниот Ролан Гарос против американскиот тенисер Сандгрен, а во текот на денов имаше прес-конференција со особено интересен дел во врска со неговото учество на Олимписките игри во Токио.
– Во моментов планирам да играм во Токио, бидејќи слушнав дека планот е да се дозволи присуство на одреден број гледачи. Ако разбрав правилно, ќе се пополнат 20 или 30 проценти од капацитетот – рече Ѓоковиќ.
Сепак, лошата вест за сите фанови е дека рекетот број еден во светот, ако има различности во однос на присуството на навивачи, ќе ја преиспита својата одлука, за тоа дали ќе настапи.
– Ако нешто се промени, ако воопшто нема навивачи, ќе размислам дали ќе играм. Во моментов планирам да одам и многу сум среќен – истакнал Ѓоковиќ.
На Олимпијадата нема да биде дозволена публика од странство. Игрите треба да се одржат една година по одложувањето поради пандемијата.
Најново истражување на јавното мислење објавено од весникот Nikkei покажува дека 60% од испитаниците сакаат Игрите да бидат повторно одложени или целосно откажани, а само 34% се залагаат за нивно одржување според планот.