Ѓоковиќ го освои „Вимблдон“

од Vladimir Zorba
200 прегледи

Србинот Новак Ѓоковиќ по седми пат во кариерата го освои „Вимблдон“, победувајќи го во финалето австралискиот тенисер Ник Кирјос со 4:6, 6:3, 6:4, 7:6.

За српскиот тенисер ова е четврта последователна титула во Ол-Ингланд клубот и 21. Гренд слем титула во кариерата.

На Србинот сега му бега само Роџер Федерер, кој има осум трофеи на лондонската трева.

Со победата над Кирјос, Ѓоковиќ се израмни со Пит Сампрас, кој во опен ерата, и Вилијам Реншо, пред тоа, освои седум титули на терените на „Ол Ингланд клубот“.

Овогодинешниот Вимблдон беше специфичен бидејќи не се бројат освоените бодови на турнирот.

Организаторите на турнирот во Англија забранија учество на руски и белоруски тенисери поради руската инвазија на Украина, а Здружението на тениски професионалци (АТП) одлучи, поради таа одлука, бодовите на Вимблдон да не се бројат.

Од ова најмногу настрадаа некои од најдобрите светски тенисери, пред се Русинот Данил Медведев, кој не доби шанса да игра.

Ѓоковиќ застана во одбрана на руските и белоруските тенисери. Тој додаде дека губењето бодови не му е толку важно.

„Тоа повеќе ќе влијае на другите тенисери отколку на мене. Не сакам да кажам дека бодовите не се важни, но за мене не се толку важни како порано. Сега не бркам пласман како порано кога сакав да го соборам рекордот на Федерер. Тоа повеќе не ми е приоритет“, изјави Ѓоковиќ.

Слични содржини