Светскиот бр.1, Новак Ѓоковиќ го пофали Рафаел Надал по нивната голема битка во четвртфиналето на Отвореното првенство на Франција. Мечот бр. 59 од ривалството меѓу двајцата големи тенисери траеше 4 часа и 11 минути на теренот „Филип Шатрие“ во Париз и заврши со победа на Шпанецот во четири сета – 6:2, 4:6, 6:2, 7: 6 (4). Така Новак се прости со надеж дека ќе ја одбрани титулата на Ролан Гарос и ќе го израмни Надал со 21 Гренд слем трофеј на врвот на листата.
Србинот започна кошмарно, губејќи 9 од првите 11 гејма, но успеа да го извлече вториот сет, откако заостануваше два брејка. Во четвртиот дел водеше со 5:2, промаши две сет топки, а потоа 13-кратниот шампион во Париз, Надал стигна до конечниот успех во тајбрејкот.
„Честитки за Надал. Беше подобар играч од нас двајца во важните моменти“, призна Ѓоковиќ на прес-конференцијата по натпреварот. – Само еден или два удари можеа да го однесат натпреварот во петтиот сет, а потоа ништо не се знаеше. Но, токму во овие моменти потврди зошто е голем шампион. Покажа здрава психа и го заврши натпреварот како што сакаше. Честитки за Рафа и неговиот тим. Без сомнение, тој го заслужува тоа“.
По вчерашниот успех, Надал веќе води со 8-2 против Ѓоковиќ во нивните дуели на Ролан Гарос. Сепак, Србинот има подобар вкупен биланс во нивното ривалство – 30-29.
Ноле и покрај поразот изјави дека е горд на прикажаното во француската престолнина.
„Дадов се што можев во моментов. Знам дека можам да играм подобро, но горд сум што се борев до последниот поен. Едноставно, како што кажав, денеска загубив од подобар тенисер. Имав свои шанси, но не ги искористив. Тоа е тоа“, истакна Србинот.