Новак Ѓоковиќ би можел да се натпреварува и да ја брани титулата на Ролан Гарос, кој во Париз се одржува од 22 мај до 5 јуни, според последните информации од Франција.
Најдобриот светски тенисер би можел да игра на вториот Гренд слем сезонава, бидејќи се очекува да бидат откажани „Ковид пасошите“ до крајот на март или почетокот на април во Франција. Проекциите покажуваат дека се намалува бројот на заразени со коронавирус во оваа земја, што би значело олабавување на мерките.
Во моментов на сите невакцинирани играчи им е забрането да бидат во спортски сали, а во оваа мерка се вклучени професионални спортисти и странски државјани.
Актуелните мерки се очекува да бидат укинати до почетокот на Ролан Гарос, а Алан Фишер, човекот кој е шеф на француската стратегија за Ковид, оваа среда пред Сенатот изјави дека очекува пропусниците да бидат отфрлени до почетокот на април.
Оваа намера ја потврди и Габриел Атал, портпарол на француската влада, по коментарите на Фишер.
– Има многу мерки кои се уште важат, но постепено се укинуваат. Секогаш сме велеле дека сакаме да го укинеме кодот за вакцинација штом тоа го дозволи состојбата во болниците. Професорот Фишер рече дека проекциите се такви што би можеле да ги укинеме пропусниците кои важат само за вакцинирани лица во март или април. Секако дека го сакаме тоа – изјави Атал.
Секако дека секогаш постои можност ситуацијата повторно да се смени, но според сегашните очекувања може да се случи Ѓоковиќ да го видиме како ја брани титулата освоена минатата сезона на Ролан Гарос.