Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се најде на списокот учесници на последниот Гренд слем турнир во сезоната – Отвореното првенство на САД во Њујорк, но неговото учество е неизвесно бидејќи не е вакциниран против коронавирусот, што е услов за влегување во земјата.
Организаторите на УС Опен денеска го објавија списокот на учесници во машка и женска конкуренција, на 42 дена пред почетокот на турнирот. Меѓу нив е и Ѓоковиќ, кој не е вакциниран против Ковид-19.
„УС Опен не бара задолжителни вакцини за играчите, но ќе го почитува ставот на американската влада во врска со патувањето во земјата за невакцинираните неамерикански државјани“, се наведува на веб-страницата на натпреварувањето.
Заштитениот пласман го искористи Американката Серена Вилијамс, освојувачка на 23 Гренд слем титули, па се најде на листата на учесници.
Натпреварувањето на УС Опен започнува на 29 август и ќе трае до 11 септември.