Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека не знае уште колку можности ќе има за освојување на Гренд слем трофеи.
Ѓоковиќ утре од 15 часот во финалето на Вимблдон ќе се сретне со Ник Кирјос од Австралија.
Тоа ќе биде негово 32. Гренд слем финале, што е рекорд и ќе има шанса да го освои својот 21. Гренд слем трофеј во кариерата.
„Свесен сум што е во прашање. Секој натпревар, секој Гренд слем што го играм во оваа фаза од мојата кариера, има многу на коцка. Не знам уште колку можности ќе имам да го освојам трофејот, јас знам дека една ме чека во недела. Секако дека на се пристапувам позитивно, со верба во себе и желба за победа, во тоа нема сомнеж“, изјави Ѓоковиќ, пренесуваат британските медиуми.
На прашањето на новинарите како успева да се справи со притисокот, Новак одговори дека работи многу психички, емоционално и физички.
„Како да ја задржам таа рамнотежа? Тоа е субјективна работа. Секој играч е различен. Не сакам да зборувам за сите оние детали и рутини кои прават да се чувствувам добро подготвен. Има работи што ги правам правилно ментално, емоционално и физички. Тоа не е гаранција дека се ќе биде како што треба на теренот, бидејќи таму може многу да се случи. Има голем притисок, очекувања. Понекогаш сте подобри од противникот во справувањето со тоа, понекогаш не“, изјави Новак.
Српскиот тенисер по осми пат ќе игра во финалето на Вимблдон, со шест победи. Од друга страна, неговиот ривал Ник Кирјос за прв пат ќе учествува во финале на Гренд слем.
Сепак, Ѓоковиќ не успеа да освои сет против Австралиецот, кој води со 2:0 во нивните меѓусебни натпревари.
Во 2017 година, Австралиецот двапати го победи Новак, во рок од 12 дена. Во четврт-финалето на Акапулко победи со 7:6, 7:5, додека во осминафиналето во Индијан Велс беше подобар со 6:4, 7:6.