Господ гледа сè, моралната етика како најголеми идеали се ѕвездите водилки кон издигнувањето на духовното. Мојата благодат е духовна, а нивната само материјална, напиша најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ во порака до својот најмлад брат Ѓорѓе и за прв пат, иако преку посредник, проговори за целата ситуација.
Првиот светски рекет требаше да игра на Австралија опен, но се поизвесно е дека тоа нема да се случи. Да потсетиме, Новак мораше да оди во „имиграциски притвор“ поради проблеми со визата, а работите не беа решени за еден ден. Српскиот тенисер е префрлен во „лошо сместување“ во кое наводно има и инсекти.
Австралиските власти ги игнорираа барањата на Србите да му дозволат на Новак да престојува во веќе изнајменото сместување, а пред споменатиот хотел се собраа луѓе кои го поддржуваат Ѓоковиќ. Протести има и во Белград каде таткото на Новак, Срѓан ги повика насобраните да дојдат и да му дадат поддршка на тенисерот секој ден во исто време.
– На Новак му е студено во срцето поради се што се случува, но тоа што сме сите со него го одржува и грее. Ова е само почеток, утре во исто време, овде со уште многу луѓе, и неизмерно ви благодарам што сте тука и што покажавте не омраза туку љубов кон нашиот Ноле. Љубовта е таа што го движи светот – изјави таткото на Ѓоковиќ.
Изгледаше дека Ѓоковиќ наскоро ќе биде испратен дома, но работите очигледно не се толку едноставни. Денеска е Бадник, а некои австралиски новинари коментираат дека најдобриот светски тенисер Божиќ ќе го прослави во карантин.