Првиот светски тенисер Новак Ѓоковиќ се најде на официјалниот список на играчи кои ќе учествуваат на првиот Гренд слем турнир од сезоната Австралија опен, но на таа листа ја нема освојувачката на 23 Гренд слем титули, Американката Серена Вилијамс, пренесе Ројтерс.
Ѓоковиќ одбива да открие дали е вакциниран против КОВИД 19, иако сите тенисери, официјални лица, персоналот и навивачите кои сакаат да присуствуваат на Австралија опен од 17 до 30 јануари мора да бидат вакцинирани.
Локалните медиуми пишуваат дека сите на официјалната листа на учесници мора да бидат вакцинирани или да имаат некаков вид лекарско уверение за изземање. Австралиската тениска федерација не одговори на барањето да го потврди тоа правило.
Ѓоковиќ, кој ќе се обиде да ја освои својата 21. Гренд слем титула доколку настапи во Мелбурн, минатата недела изјави дека одлуката за патување во Австралија ќе ја донесе „многу наскоро“.
Неговото име се најде и на списокот на играчи на српската репрезентација учесници на АТП купот во Сиднеј на почетокот на јануари.
Доколку Ѓоковиќ одлучи да отпатува во Сиднеј без претходно да биде вакциниран, државата мора да бара изземање за него, а потоа тој ќе мора да помине 14 дена во карантин по пристигнувањето во Австралија.
Вилијамс, која ја освои својата последна од седумте титули на Австралија Опен во 2017 година, има сезона одбележана со повреди и нема играно од првото коло на Вимблдон кога го напушти теренот куцајќи поради повреда на ногата.
Организаторот на Австралија опен, Крег Тајли, минатиот месец изјави дека 40-годишната Вилијамс, на која и недостига уште една Гренд слем титула за да го израмни рекордот на Маргарет Корт, ќе настапи на Австралија Опен во Мелбурн Парк.