Новак Ѓоковиќ денеска од 15 часот во финалето на Вимблдон ќе се сретне со Австралиецот Ник Кирјос.
Ѓоковиќ на натпреварот ќе се бори за својот седми трофеј на Вимблдон. Тоа ќе биде негово 32. Гренд слем финале, што е рекорд и ќе има шанса да го освои 21. Гренд слем трофеј во кариерата.
Србинот во Лондон има 80 победи и 10 порази, а меч на терените на „Ол Ингланд клубот“ нема загубено од 2017 година кога во четвртфиналето го спречи Томаш Бердих откако Ѓоковиќ се предаде во вториот сет при 6:7, 0:2.
Од друга страна, неговиот ривал Кирјос за првпат ќе учествува во финале на Гренд слем.
Кирјос стигна до финалето на Вимблдон откако шпанскиот тенисер Рафаел Надал се повлече од турнирот поради повреда на мускулот.
Меѓусебни дуели
Во центарот на вниманието кога станува збор за овие двајца играчи, многу повеќе од тенисот, беше насочено кон разни медиумски прозивки и напади упатени кон Србинот од страна на австралискиот тенисер. Малку се зборуваше за тенисот, можеби најмногу во овие моменти, кога ќе ги одмерат силите во финалето на „Вимблдон“.
За волја на вистината, односот меѓу двајцата противници многу се подобри од минатата зима, кога австралиските власти му забранија на Ѓоковиќ да игра во Мелбурн и го избркаа од земјата. Како што истакна самиот Новак, Кирјос тогаш беше меѓу ретките јавни личности, не само тенисери, кои застанаа во одбрана на Ѓоковиќ.
Белграѓанецот никогаш во кариерата не го победил Ник Кирјос. Еден од најголемите играчи на сите времиња не само што нема триумф против Австралиецот, туку никогаш не успеал да му земе сет. Додуша, двајцата немаа ни многу дуели меѓу себе – само два, и двата се одиграа во 2017 година.
На турнирот во Акапулко, Мексико, беше 7:6, 7:5, додека во Индијан Велс Австралиецот победи со 6:4, 7:6.
Кирјос може да се пофали дека ги добил првите мечеви со тројцата најдобри играчи во историјата на тенисот. Против Рафаел Надал (3/6) на Вимблдон 2014 и Роџер Федерер (1/6) на Мастерсот во Мадрид 2015 година.
Тој го победи Швајцарецот на земјена подлога, Шпанецот на трева, а Србинот на бетон.