До 2075 година Индија ќе биде втора по големина економија во светот и ќе ги надмине Германија, Јапонија и Америка, објави инвестициската банка Goldman Sachs во својата најнова прогноза.
Главните аргументи за оваа оценка се растот на населението во Индија, напредокот на земјата на полето на иновациите и технологијата, поголемите капитални инвестиции и растечката продуктивност на работниците, се наведува во извештајот, пренесува CNN.
Индија, исто така, има голем процент на економски активно население кое може да ги поддржи помладите и постарите сограѓани, според аналитичарот на Goldman Sachs, Сантана Сенгупта.
Тој посочи дека Индија треба да го зголеми учеството на работната сила и на тој начин да го искористи растот на населението на вистински начин.
„Тоа е навистина можност за Индија да воспостави производствен капацитет и да продолжи да расте во секторите на услуги и инфраструктура“, додаде Сенгупта.
Приходите на индиската технолошка индустрија се очекува да пораснат за 223,7 милијарди евра до крајот на 2023 година, прогнозира индиската невладина трговска асоцијација Наском.
Според извештајот на Goldman Sachs, индиската економија е водена од домашната побарувачка, за разлика од многу повеќе зависни од извозот економии во регионот, при што до 60 отсто од нејзиниот раст во голема мера се припишува на домашната потрошувачка и инвестиции.
Во првиот квартал БДП на Индија порасна за 6,1 отсто на годишна основа, а се проценува дека индискиот економски раст на крајот на тековната година ќе изнесува 7,2 отсто, пренесe „Танјуг“.