Израелските одбранбени сили (ИДФ) синоќа извршија нови напади ширум Појасот Газа, при што загинаа голем број Палестинци, соопшти министерството за здравство на Газа.
„Во вчерашниот израелски напад врз бегалскиот камп Џабалија на северот на Појасот Газа, загинаа 90 Палестинци“, се вели во соопштението на палестинското министерство за здравство, пренесува „Ројтерс“.
Во израелски ракетен напад врз семејна куќа, според радиото Хамас Акса, загинале 24 лица.
„Веруваме дека бројот на загинатите под урнатините е огромен, но нема начин да се пронајдат и извлечат жртвите поради интензитетот на израелскиот оган“, изјави портпаролот на палестинското министерство за здравство во телефонски разговор со новинар на „Ројтерс“.
Во Деир ал Балах, во центарот на Газа, локалните медицински работници потврдиле дека 12 Палестинци се убиени, а десетици се ранети, додека во Рафах, на југот на палестинската енклава, во израелски воздушен напад врз семејна куќа загинале најмалку четири лица.
„Луѓето брзаа да ги спасат затрупаните под урнатините. Звукот од експлозијата беше силен како земјотрес“, изјавил за „Ројтерс“ очевидец кој живее во близина.