Албанскиот премиер Еди Рама, во првата куса изјава околу одлуката за почнување преговири на Албанија и на Македонија во јуни 2019 година, оценува дека тоа е голем успех на владите на двете земји.
Додава дека резултатите од реформите ги натерале и скептиците да ги признаат заслугите на Албанија и Македонија.
– По 72 часа помеѓу внатрешните бранови на ЕУ, Албанија успеа да добие датум за влез во пристаништето на обединета Европа. Резултатите од нашите реформи ги натераа и скептиците да ги препознаат заслугите на Албанија и на Македонија. Добиена е една многу тешка битка, војната продолжува, посочува Рама.
Шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, ја поздрави одлуката на министрите за надворешни работи на Европската унија за отворање на преговорите за Албанија и Македонија во јуни 2019 година.
Бушати оценува дека ова е голем ден за неговата земја, но и за иднината на Европската унија.
– Ова е голем ден за Албанија и за Македонија, секако и за иднината на ЕУ. Благодареност до сите земји-членки на ЕУ и до Европската комисија за нивната поддршка, вели Бушати.
Од друга страна координаторот на пратеничката група и потпретседател на трета по големина партија во земјата, Движењето за социјалистичка интеграција, Петрит Васили, по веста од Брисел на Фејсбук профилот напиша дека главен виновник што Албанија останала надвор од Европа е Рама и оти тој под итно треба да си оди.