Голем хакерски напад врз Полска: Земјата била на чекор до целосен прекин на струјата

Полска кон крајот на декември доживеала сериозен кибернетички напад врз својата електроенергетска мрежа, но обидот бил успешно одбиен.

од desk4
14 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Дач Њуз

Полската влада соопшти дека земјата била „многу блиску до целосен прекин на електричната енергија“, а министерот за дигитални прашања изјави дека „сè укажува на руска саботажа“, пренесe Notes from Poland.

Голем обид за хакирање на енергетскиот систем

„Во последните денови од 2025 година беше извршен голем обид за хакирање на енергетскиот систем“, изјави министерот за енергетика Милош Мотика на прес-конференција во вторникот. Тој го опиша инцидентот како „најсилен напад врз полскиот електроенергетски систем во последните неколку години“, кој, како што нагласи, бил „успешно одбиен“.

Мотика појасни дека за првпат се соочиле со повеќекратни обиди за напад насочени кон поединечни извори на производство. „Ова е првпат да имаме повеќекратни обиди за напад врз поединечни производствени капацитети, соларни паркови, па дури и поединечни ветерни турбини“, рече тој, додавајќи дека целта била „прекин на комуникацијата меѓу производствените инсталации и операторот на мрежата на голема територија во Полска“.

Уделот на обновливите извори во полската енергетика значително порасна во последните години и тие учествуваат со околу 29 проценти од вкупно произведената електрична енергија. Претходните напади најчесто биле насочени кон големи енергетски објекти или преносниот систем.

Бевме блиску до целосен прекин на струјата

Министерот за дигитални прашања Кшиштоф Гавковски ја потврди сериозноста на ситуацијата во интервју за телевизијата RMF. На прашањето дали Полска за време на инцидентот била „блиску до целосен прекин на струјата“, тој одговори дека била „многу блиску“.

„Размерите на овој напад, начинот на пробивање и тоа кој стои зад него укажуваат дека станува збор за координирана операција со намера намерно да се прекине снабдувањето со електрична енергија за полските граѓани“, изјави Гавковски. „Сè укажува на руска саботажа, со цел дестабилизација на состојбата во Полска.“

Засилени хибридни напади

И покрај сериозноста на нападот, министерот нагласи дека „полските безбедносни служби и институциите задолжени за кибербезбедноста биле на висина на задачата“. „Имаме добро подготвени институции и нема потреба од паника; Полска е најмногу кибернетички напаѓаната земја во Европската унија“, истакна тој.

Полска во последните години се соочува со низа таканаречени хибридни активности што ѝ се припишуваат на Русија, меѓу кои кибернетички напади, физички саботажи, како и дезинформациски и пропагандни кампањи. Минатата недела министерот Мотика откри дека хакерските напади врз енергетската инфраструктура се засилиле за време на неодамнешниот бран студ, кога потрошувачката на енергија достигнала рекордни нивоа.