Голем хендикеп: Борусија без Халанд до следната година

од Nikola Popovski
395 прегледи

Потешка е повредата која напаѓачот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд ја заработи на натпреварот од третото коло во Лигата на шампионите против Ајакс, а според некои индиции, Норвежанецот би можел да паузира до почетокот на 2022 година.

„Милионерите“ минатиот викенд ја совладаа Арминија Билефелд со 3: 1, со головите на Емре Џан, Матс Хумелс и Џуд Белингем, но отсуството на Халанд може да доведе до поголем израз против некои посилни ривали.

Првичните информации беа дека норвешкиот напаѓач ќе биде надвор од теренот само неколку недели, но дојде до промена. Јан Аге Фјортофт, пријател на семејството Халанд и поранешен репрезентативец на Норвешка, во изјава за германски „Билд“ вели дека мечот против Ајакс веројатно бил последен за Ерлинг оваа година.

Доколку се остварат неговите зборови, тоа би значело дека Борусија на најмалку 12 натпревари ќе биде без својот најдобар играч, од кои најважни се оние во групната фаза од Лигата на шампионите и дербито во Бундес лигата со Баерн, Лајпциг и Волфсбург, кои се главни кандидати за титулата.

Тренерот на „милионерите“ Марко Розе пред гостувањето во Билефелд проговори за повредата на напаѓачот, но не откри детали.

„Јас не сум доктор и не сакам да шпекулирам. Знам само дека Ерлинг е повреден. Тоа е истиот бут, поради кој тој веќе пропушти неколку натпревари оваа сезона, само што сега доби удар и на друго место“, рече Розе.

Халанд имаше голема желба да биде во тимот на дуелите против Мајнц и Ајакс, иако беше недоволно закрепнат, а тоа сега ќе го чини подолго отсуство од терените.

Норвежанецот сезонава на десет настапи постигна дури 13 гола и четири асистенции, додека досега во дресот на Борусија на 69 натпревари постигна дури 70 гола.

Слични содржини