Голем пад на цените на нафтата на берзите, но возачите ќе почекаат за да го почувствуваат тоа на бензинските пумпи

Цените на нафтата на светските берзи нагло паднаа по објавата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот со Иран. Сега се тргуваат значително под 100 долари за барел

од Кристијан Димков
16 прегледи Фото: Принтскрин

Цената на референтната сурова нафта „Брент“ падна за околу 13% на 94,80 долари за барел, додека нафтата со која се тргува на американската берза се намали за повеќе од 15% и изнесува 95,75 долари.

Сепак, цените на нафтата и понатаму се повисоки отколку пред почетокот на конфликтот на 28 февруари. Во тој период, се тргуваше по цена од околу 70 долари за барел.

„Трговците исклучително внимателно го следеа овој момент, барајќи конкретна обврска за повторно отворање на Ормускиот теснец“, изјави за „Би-Би-Си“ Је Лин од консултантската компанија „Rystad Energy“.

Таа додаде дека голем дел од неодамнешниот раст на цените на нафтата, предизвикан од ризиците за поморскиот сообраќај во Заливот, речиси веднаш се намалил по објавата на Трамп.

„Секој наслов во наредните 48 часа за тоа дали првиот танкер безбедно поминал низ теснецот ќе влијае врз цените“, додаде Је.

Сепак, таа смета дека ќе биде потребно време возачите да почувствуваат олеснување на бензинските пумпи.

Је напомена дека не сите земји ги приспособуваат цените на горивата секојдневно, па брзината на падот на цените на нафтата во голема мера ќе зависи од тоа колку нафта од Мексиканскиот Залив ќе стане достапна како што ќе продолжи поморскиот сообраќај.