Голем шумски пожар се шири во близина на Атина: Евакуирани се илјадници луѓе

од Илинка Илиоска
11 прегледи

Илјадници луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови поради голем пожар кој се шири северно од Атина, со пламени што достигнуваат до 25 метри височина. Меѓу областите за кои беше издадена наредба за евакуација е и историското место Маратон.

Рано утрово, детска болница и воена болница беа евакуирани, а пожарникарската служба издаде наредби за евакуација на повеќе од десетина области, вклучително и неколку предградија на Атина и Маратон.

Пожарникарите известуваат за изгорени куќи и имоти во гратчето Варнавас, кое се наоѓа 35 километри од Атина, и се обидуваат да спасат луѓе заглавени во конвој од 20-25 возила.

Во саботата попладне избувнале над 40 пожари, од кои седум сè уште се активни. Повеќе од 500 пожарникари, 150 возила и над 30 противпожарни летала се распоредени на теренот.

„Работевме цела ноќ, но и покрај нашите натчовечки напори, пожарот многу брзо напредува. Ветровите беа силни цела ноќ, па очекуваме дополнително разгорување на пожарите“, изјави портпаролот на пожарникарите, Василис Ватракојанис.

Јужно од Атина, три болници беа евакуирани поради приближување на пожарот кон селото Пентели.

Грција е зафатена од стотици пожари од мај месец, а властите предупредуваат дека неделава ќе биде особено тешка.

„Половина од Грција ќе биде во црвено“, изјави министерот за климатска криза и цивилна заштита, Василис Кикилијас, алудирајќи на високите температури, кои достигнуваат околу 40 Целзиусови степени, и силните ветрови.

Слични содржини