Голем скандал во Германија: Откриени повеќе од 100 случаи на купени возачки дозволи

од desk2
62 прегледи

Во Обласниот суд во Касел во понеделникот започна судење против 35-годишен маж обвинет за тешка корупција во 47 случаи и поттикнување фалсификување документи во 44 случаи, пишува „Феникс“.

Обвинителството го товари за вкупно 92 кривични дела поврзани со незаконско издавање возачки дозволи, измама што, според обвинението, вредела најмалку 159.000 евра.

Истрагата открива дека обвинетиот бил дел од четиричлена банда која од 2018 година до 2021 година продавала возачки дозволи на луѓе што не го положиле возачкиот испит. Централната фигура во овој криминален синџир бил тогашниот 26-годишен службеник на Бирото за возачки дозволи во Касел. Според обвинението, на најмалку 112 лица им издал дозволи во замена за мито.

Возачки дозволи преку шиша-барови, ресторани и фризерски салони

Обвинетиот 35-годишник наводно активно барал и контактирал со потенцијални клиенти, а документацијата, вклучувајќи фотографии, потврди за видот, курс за прва помош и потписи, ги проследувал на корумпираниот службеник. Документите потоа биле користени за нарачување дозволи во Државната печатница.

Според обвинителството, продажната мрежа била воспоставена преку шиша-барови, ресторани и фризерски салони, кои служеле како контактни точки за заинтересираните. Меѓу купувачите, како што се сомнева, првенствено има бегалци во Германија.

Цени до 7.500 евра по дозвола, обвинетиот призна најголем дел од делата

За една возачка дозвола се барале 2.000 и 7.500 евра, додека посредниците во секој од случаите добивале најмалку по 400 евра. Во некои случаи, како што се наведува, обвинетиот ги заобиколил сопствените соработници со цел да задржи поголем дел од профитот. Тој досега ги признал повеќето обвиненија, но ги отфрла тврдењата дека земал пари зад грбот на другите членови на бандата.

Судењето продолжува и нови обвиненија во подготовка

Засега се закажани дополнителни 15 рочишта, а пресудата се очекува на крајот на октомври. Судењето е дел од пошироката истрага за измами со возачки дозволи во Германија. Процесот против поранешниот службеник ќе започне на 20 август. Тој е обвинет за особено сериозна корупција и фалсификување документи во службата.

Веќе неколку лица, вклучително корисници на лажни дозволи и еден член на бандата, се осудени на условна казна и парични казни. Еден од осомничените починал во 2019 година во несреќа со мотоцикл.