Организаторите на Австралија опен објавија дека распределбата на парите на првиот Грен слем во сезоната ќе биде различна во споредба со претходните изданија.
За тоа се избори Новак Ѓоковиќ, кој сметал дека организаторите мора да одвојат повеќе средства за тенисерите кои влегуваат во главната ждрепка на Грен слемот.
Организаторите на Австралија опен тоа и го сторија, а за елиминација во првиот круг, тие ќе добијат 11 проценти повеќе (30.000 австралиски долари), во вториот 17 проценти и во третиот 19 проценти повеќе отколку во 2020 година.
Претходната година беше тешка за сите, вклучително и за тенисерите кои не се меѓу најдобрите 100. Ѓоковиќ беше меѓу најгласните во помагањето на колегите кои немаат приходи од спонзори, а едно од барањата беше зголемување на наградниот фонд во првите рунди.
„Мислам дека најдобриот план е да се зголемат наградните фондови на турнирот. Ги зголемувате наградите за првиот круг, квалификациите, а не да ги зголемувате за победникот. Победникот на Грен слем добива 3,5 милиони долари, што е непотребно. Треба да им дадеме повеќе на квалификациите и оние што ги минуваат првото или второто коло“, рече Ѓоковиќ минатата година.
Австралија опен реагираше прво со зголемување на парите во првите рунди, но и со намалување во последната фаза.
Така, победникот нема да добие четири милиони австралиски долари, туку 33 проценти помалку – 2.750.000. Второпласираните ќе соберат еден и пол милиони, што е за 27 проценти помалку, полуфиналистите ќе добијат 850 000 (-18%), а четвртфиналистите ќе добијат иста сума – 525 000 долари.
Тенисерите од врвот веројатно нема да бидат задоволни што е намален фондот за оние кои ќе стигнат до финалето, сепак, организаторите на Австралија опен одлучија да биде така и ова е конечна одлука.
Австралија опен се игра од 8 до 21 февруари, а Новак Ѓоковиќ ја брани титулата освоена во 2020 година.