Полициите на бројни европски земји и Обединетите Арапски Емирати од 8 до 19 ноември спроведоа голема меѓународна акција во која беше уништен нарко картел. За важноста на операцијата доволно говори и фактот дека беа уапсени 49 лица кои го сочинуваа „суперкартелот“. Тие, наводно, контролирале дури една третина од пазарот на кокаин во Европа.
Откриени се контролни центри и друга логистичка инфраструктура за транспорт на дрога ширум Европа. Европол, кој ја помагаше операцијата „Пустинска светлина“, рече дека овие апсења се кулминација на интензивните операции спроведени во Холандија, Шпанија, Франција, Белгија и Емиратите.
Заплените биле огромни, откриени се повеќе од 30 тони дрога. Објавено е и видео од операцијата „Пустинска светлина“. Акцијата на шпанската полиција доведе до тринаесет апсења плус двајца истакнати криминалци во Дубаи. Франција има 6 апсења и помогнала во откривањето на двајца босови на нарко картел во Дубаи. Десет лица се уапсени во Холандија, која помогнала и во откривањето на двајца високи арапски членови на криминалната организација.
Европол посочи дека за време на операцијата давал разузнавачки информации на земјите вклучени во операцијата, а во текот на двете години додека се подготвувала операцијата биле одржани повеќе од десет оперативни состаноци. Примарната цел беше да се соберат сите информации за мрежата. Главните осомничени користеле шифрирани пораки за да организираат транспорт на дрога, но полицијата успеала да ги идентификува.
„Со оваа акција им испративме порака на наркобосовите дека никаде нема да бидат безбедни“, заклучува Европол, нагласувајќи ја исклучително добрата соработка со Емиратите.
Во акцијата учествувале повеќе од 250 полицајци, а седиштето на акцијата било во Холандија.