НБА одлучи да го промени концептот на Ол-стар натпреварот, кој многумина го критикуваа и го означија како неинтересен во изминатите неколку години.
Откако беа испробани неколку варијанти, кои не поминаа баш најдобро кај навивачите, беше одлучено во 2025 година наместо еден натпревар, всушност да имаме мал турнир.
На него ќе учествуваат три екипи по осум играчи, додека четвртиот тим ќе го сочинуваат најдобрите ѕвезди во подем, односно победниците на популарното натпреварување „Rising Stars“.
Секој натпревар ќе се игра до 40 поени (три натпревари), а одредени се вредни награди за играчите.
Имено, секој играч од победничката екипа ќе добие по 125.000 долари, второпласираните 50.000, додека третопласираните 25.000.
Главните тренери и помошниците ќе бидат одредени според пласманот пред натпреварот на ѕвездите, што значи дека тие ќе бидат луѓето што ќе ги предводат најдобро рангираните тимови од двете конференции.
Генерален менаџери на Ол-стар тимовите ќе бидат легендарните Шекил О’Нил, Чарлс Баркли и Кени Смит, додека за младите ѕвезди Кандас Паркер, легендата на женската НБА и трикратен шампион.
Гласањето за Ол-старот започнува на 19 декември, а спектаклот ќе се одржи во Сан Франциско во февруари следната година.