ГОЛЕМИ ПОЖАРИ НИЗ ЦЕЛА ИТАЛИЈА: Туристите во Пескара принудени да се евакуираат (ВИДЕО)

од Nikola Popovski
245 прегледи

ИТАЛИЈА, како и Турција и Грција, овие денови се бори со катастрофални пожари. Викендов се регистрирани повеќе од 800 пожари, претежно на југот на земјата, објави италијанската Национална противпожарна служба.

Пет лица се повредени, а туристите се евакуирани откако борова шума изгоре во близина на плажа во Пескара, Италија.

Петгодишно девојче е пренесено во болница, но се верува дека нејзината состојба не е опасна по живот, пренесува Гардијан.

Околу 800 луѓе беа евакуирани од своите домови, вклучувајќи го и манастирот на калуѓерките, откако избувна пожар во природниот парк Пинета Данунциана од 53 хектари во близина на Пескара. Пожарите се уште се активни на различни фронтови.

Пожарникарите гаснат пожари на повеќе од 800 локации

– Моравме да евакуираме неколку куќи и одморалишта поради чадот – изјави Карло Маши, градоначалник на Пескара. – Најголем проблем е жешкиот ветер. Правиме се што можеме за да ја ограничиме штетата.

– Во последните 24 часа пожарникарите извршија повеќе од 800 интервенции: 250 на Сицилија, 130 во Пуглија и Калабрија, 90 во Лацио и 70 во Кампанија – објави италијанската национална противпожарна служба на Твитер.

Гори и во Сицилија и Сардинија

Пожарите го зафатија и крајбрежното подрачје на провинцијата Катанија на Сицилија, уништувајќи го локалното одморалиште Ла Капанина. Фотографиите од плажата објавени на социјалните мрежи покажуваат изгорени чадори и лежалки.

Пожарите беснеат и во Сардинија, а Италија беше принудена да побара помош од Европската унија, која во понеделникот испрати четири авиони канадери. Повеќе од 350 луѓе беа евакуирани од критичното подрачје.

Со температури кои достигнаа 40 степени Целзиусови, жешкиот ветер го забрза ширењето на огнот на целиот остров. Локалните медиуми јавуваат и за големи пожари во провинцијата Палермо.

Слични содржини