Големо карневалско дефиле на маските во Прилеп

од desk4
112 прегледи

 – Со големото карневалско дефиле на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ на околу 1.000 маскирани од земјава и странство во Прилеп се одржа 17. меѓународен карневал „Прочка 2018“.

Традиционално, дефилето го отворија карневалските мажоретки и „Прилепските мечкари“ заштитната маска на карневалот која претендира да биде заштитена и од УНЕСКО.

Пред прилепчани и гостите од целава земја и Балканот, дефилираа маските од Прилеп, повеќе градови од Македонија, од Србија, Албанија, Бугарија, Грција, од Украина, Словенија, од Црна Гора.

Мечкарите, продолжувајќи ги, како што велат, вековните традиции, го одржаа својот танц со тапани за да ги избркаат лошите духови. А здружението „Приелепски прочкари“ со оригинална маска насловена „Градо на мајмуните“

– Прилеп е градот на мајтапот, на шегата, на мајмуните и никој не треба да си „игра играчки со тоа“, велат шеговито од Здружението.

Гостите од Бела Црква, Србија велат, прв пат доаѓаат, а маските од Корча Албанија веќе по десетти пат.

Според организаторите, прилепската локална самоуправа и од здружението „Прилепски мечкари“ ова е уште едно успешно, ново издание на карневалот.

– Забележавте, има гости речиси од целиот Балкан, од Украина. Уште вчера ни пристигнаа и гостите кои само сакаа да го видат карневалот од сите страни, а сместувачките капацитети се преполни. Тоа е и целта. Прилепскиот карневал да биде успешна туристичка атракција во Македонија и пошироко, вели Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски рече дека од година во година карневалот е се поуспешен и ја остварува улогата како манифестација која ги покажува традициите, но и умешноста во маскирањето.

Лари Алгел, генерален секретар на Асоцијација на европските карневалски градови е задоволен што пак е во Прилеп и од атмосферата.

За Емилио Лоренцо, амбасадор на Шпанија во Македонија атмосферата е фасцинантна.

– Воодушевен сум и импресиониран од целата атмосфера и од маскираните. Многу е добро, вели Лоренцо.

Карневалското дефиле траеше околу два часа, а жири комисијата има задача да ги избере најдобрите маски на годинашниов прилепски меѓународен карневал. Вечер од 21 часот во хотелот „Сонце“ е заедничката забава на маските.