Иако со месеци е достапна за корисниците на iPhone, социјалната мрежа на Доналд Трамп, Truth Social, пристигна во продавницата за апликации на Google.
Во средата, Truth Social, социјалната мрежа на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, доби одобрение од Google. Апликацијата стана достапна за Android многу брзо потоа во Play Store, пишува TechCrunch.
Во август, Google одлучи да ја блокира Truth Social откако открија голем број објави кои ги прекршуваат нивните правила, вклучувајќи содржина со физички закани и поттикнување насилство. Truth Social никогаш не беше официјално забранета од Play Store, иако одобрувањата беа одложени додека не се направат некои промени.
Од Google соопштија дека сопствениците на социјалната мрежа Truth Social се согласиле да воведат правила против некои видови содржина, вклучително и онаа што поттикнува насилство.
Сè уште не е познато како ќе се контролира говорот на омраза на апликацијата, бидејќи самата социјална мрежа нема правила поврзани со говорот на омраза, додека Google експлицитно брани содржина што поттикнува омраза.