Google ќе плати 68 милиони долари: Тајно снимале разговори на корисници

Технолошкиот гигант Google се согласи да исплати 68 милиони американски долари за да ја реши колективната тужба во која се тврди дека компанијата тајно снимала приватни разговори на корисници преку нивните паметни телефони.

од desk4
12 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Life at Google

Тужителите наведуваат дека Google Assistant, виртуелниот асистент присутен на голем број Android-уреди, во одредени случаи се активирал ненамерно и започнувал да снима разговори кои корисниците ги сметале за приватни. Според тужбата, дел од овие аудиоснимки потоа биле користени за пласман на таргетирани реклами.

Од компанијата не дадоа официјален коментар за медиумите, вклучително и за BBC. Во судските поднесоци, Google негира дека сторил незаконски дејства и наведува дека се одлучил за спогодба за да избегне долг и скап судски процес.

Како функционира Google Assistant

Google Assistant е дизајниран да остане во состојба на подготвеност сè додека не ја препознае активациската фраза, најчесто „Hey Google“. По тоа, уредот започнува да снима звук и да го испраќа до серверите на Google за анализа. Компанијата тврди дека додека асистентот е во мирување, не се снима и не се испраќа аудио.

Сепак, во тужбата се наведува дека системот понекогаш погрешно препознавал зборови како активациска команда, по што се снимале разговори без знаење на корисниците.

Колективна тужба и исплата

Предлог-спогодбата е поднесена до сојузен суд во Калифорнија и допрва треба да биде одобрена од судијката Бет Лабсон Фримен. Како колективна тужба, исплатата би се распределила меѓу голем број корисници кои поседувале Google-уреди од мај 2016 година наваму.

Адвокатите на тужителите би можеле да побараат до една третина од износот, односно околу 22 милиони долари, за покривање на судските трошоци.

Сличен случај со Apple

Оваа спогодба следи по сличен случај од јануари, кога Apple се согласи да плати 95 милиони долари за да ја затвори тужбата поврзана со гласовниот асистент Siri. И Apple ги отфрли обвинувањата дека без дозвола снимал разговори или ги споделувал со трети страни.

Случаите против Google и Apple повторно ја отворија дебатата за приватноста и начинот на кој големите технолошки компании ги користат гласовните асистенти во секојдневниот живот.