Директорот на Државниот завод за заштита на индустриската сопственост и Претседател на ОО СДСМ Центар, Горан Герасимовски поднесе кандидатура за градоначалник на Општина Центар.
Во соопштението до медиумите вели дека Центар го претставува урбаното јадро на Градот Скопје, а со тоа ја носи и одговорноста да биде пример за сите останати општини.
„Мојата замисла за урбана општина значи повеќе зеленило, урбани катчиња, повеќе паркинг места, современи училишта и градинки во кои ќе има слободни места за секое дете. Како жител на општина Центар но и како претседател на СДСМ Центар одблизу го следам развојот на општината и водејќи се од моите сопствени потреби како граѓанин сметам дека во општината недостасуваат проекти кои ќе ја зголемат нејзината функционалност но и ќе донесат позитивни промени кои ќе го олеснат и подобрат животот на центарци. Тие промени беа и мотивот заедно со кандидатурата за градоначалник на општина Центар да поднесам и програма за развој на општината“, истакна Герасимовски.
„Гледам многу причини заедно со граѓаните да ги поставиме вистинските цели и вредности во општината. Ќе поставиме функционални системи за партиципативно владеење и наместо да зборуваме за транспарентност и отчетност ќе преземеме конкретен чекор – политиките ќе ги носиме со граѓаните за нас граѓаните.
И да, за да ги поставиме темелите, вредностите, проектите, визиите да го добијат своето значење потребно е многу труд, време и енергија но тоа е мојата желба, општината во која израснав и ги воспитувам своите деца да биде пример на задоволни жители.
Верувам дека заедно и обединети повторно ќе извојуваме уште една голема победа и верувам дека можеме уште подобро. Центар го може и го заслужува тоа“, додаде Герасимовски.